ВЕСТИ

Прочистување на воздухот: Проф. Д-р Афродита Зенделска за патот на Северна Македонија кон подобар квалитет на воздухот

Copyright: EU4Green

Квалитетот на воздухот е клучен фактор кој влијае врз здравјето на луѓето и одржливоста на животната средина. Проф. д-р Афродита Зенделска, вонреден професор на Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип,

Северна Македонија, и стручен соработник во лабораторијата АМБИКОН, фрла светлина врз важноста на следењето и анализата на квалитетот на воздухот, предизвиците кои го придружуваат овој процес и конкретни решенија за намалување на загадувањето.

Мониторингот на квалитетот на воздухот не е само за мерење на загадувачите, туку и за разбирање на нивните извори и влијанија. Од согорување на биомаса во текот на зимата до емисии од сообраќајот во лето, проф. Д-р Зенделска дава сеопфатен преглед на главните извори на загадување на воздухот во Северна Македонија. Нејзиното истражување ја нагласува потребата од долгорочен мониторинг, решенија засновани на заедницата и приспособени политики за решавање на овој сериозен проблем.

Со силни научни истражувања и практична примена, лабораторијата АМБИКОН игра клучна улога во идентификувањето на изворите на загадување и дизајнирањето мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во различни општини. Проф. Д-р Зенделска ја нагласува улогата на доследно следење и подигање на јавната свест во создавањето поздрави и поодржливи средини за секого.

  1. Можете ли да ја објасните важноста на анализата на квалитетот на воздухот и нејзиното влијание врз здравјето на луѓето и животната средина?

Анализата на квалитетот на воздухот е од суштинско значење за утврдување на неговото влијание врз здравјето на луѓето и животната средина, имајќи предвид дека таа анализа обезбедува податоци кои може да се искористат во креирањето политики за намалување на загадувањето на животната средина и унапредување на здравјето на луѓето.

Анализата на квалитетот на воздухот најчесто вклучува испитување на концентрацијата на различни загадувачи во воздухот како што се: цврстите суспендирани честички со еквивалентен аеродинамички дијаметар помал од 2.5 μm (РМ2.5) и 10 μm (РM10), тропосферски озон (О₃), азотни оксиди (NOх), сулфурни оксиди (SOх), јаглерод моноксид (CO) и испарливи органски материи (VOC). Покрај овие загадувачи, нашата анализа вклучува и целосна анализа на хемискиот состав на примероците собрани на соодветни филтри, концентрација на елементарен јаглерод, како и анализа на водено растворливи јони со цел идентификување на изворите на загадување на воздухот.

Споредено со другите загадувачки материи, цврстите суспендирани честички, фракција (РМ2.5) и тропосферскиот озон предизвикуваат најголема загриженост, поради нивната поврзаност со респираторните и кардиоваскуларните болести и зголемениот морталитет. Според US EPA, податоците наведуваат дека 374000 случаи на прерана смрт во ЕУ се поврзани со прекумерната изложеност на PM2.5, а 14600 се резултат на зголемените концентрации на O3.

Разликата помеѓу цврстите суспендирани честички фракција PM10 и фракција РМ2.5 е во тоа што фракцијата РМ10 влегува во горниот дел од респираторниот систем, додека фракцијата PM2.5 може да навлезе дури до бронхиолите и алвеолите во белите дробови и може да предизвика бројни респираторни проблеми како што се: астма, бронхитис и хронични болести на белите дробови (според US EPA).

Долгорочното изложување на загаден воздух го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Загадувачите како цврстите суспендирани честички фракција PM2.5, NO₂ и CO можат да предизвикаат воспаленија во артериите, зголемување на крвниот притисок итн. Според Светската здравствена организација (WHO), милиони смртни случаи секоја година се директно поврзани со загадување на воздухот и тоа најчесто се должи на срцеви и респираторни болести.

  1. Кој е процесот за избор на локации за уреди за земање примероци од воздух и зошто е важно долгорочното следење?

Изборот на локацијата за поставување на инструментите за земање примероци од воздух има големо значење за репрезентативноста на добиените податоци. Посебно е важно избраната локација да биде репрезент за пошироката област. Ова подразбира поставување на инструментите за мониторинг на воздухот во близина на потенцијалните извори на загадување: фреквентни сообраќајници, урбани средини, но и во рурални средини, со цел да се овозможи добивање на сеопфатен профил на квалитетот на воздухот на дадената локација.

Изборот на локацијата зависи од целите на мониторингот, односно дали станува збор за следење на емисии од индустриски капацитети, проценка на квалитетот на воздухот во урбаните средини или утврдување на концентрацијата на специфични загадувачи. При изборот на локацијата треба да бидат земени предвид следните фактори: густината на населението, близината до изворите на загадување (на пр., индустриски капацитети, сообраќајници), правецот на ветерот и географските карактеристики кои можат да влијаат на дисперзијата на загадувачите, како што е надморската височина. Инструментот треба да биде поставен на „отворен простор“, односно да нема во непосредна близина високи згради, дрвја и други препреки кои би можеле да влијаат на континуираното струење на воздухот.

Долгорочното следење на квалитеот на воздухот помага во дефинирањето на трендовите во квалитетот на воздухот во текот на подолг временски период. Ова е важно за да се процени дали квалитетот на воздухот се подобрува или се влошува со текот на времето, што овозможува дефинирање на соодветни политики за подобрување на квалитетот на воздухот и соодветни регулаторни прилагодувања.

  1. Кои загадувачи најчесто се откриваат при анализата на квалитетот на воздухот и кои извори најмногу придонесуваат за загадувањето на воздухот?

Лабораторијата АМБИКОН која е во рамки на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип веќе подолго време се занимава со испитување на квалитетот на воздухот. Во последните 5 години преку проектите за Справување со загадувањето на воздухот како во градот Скопје, така и во уште пет други општини низ државата, тимот на лабораторијата АМБИКОН преку извршување на долгорочни анализи и моделирање на добиените резултати дојде до дефинирање на изворите на загадување на воздухот.

Како главен извор на загадување на воздухот во грејната сезона е идентификувано согорувањето на биомаса. Ова загадување главно доаѓа од загревањето на домаќинствата со огревно дрво, но овде спаѓа и согорувањето на биомаса во фурни, ресторани, како и мали индустриски објекти кои користат огревно дрво за загревање или произведуваат топлинска енергија за својот технолошки процес. Во некои од општините, особено во месеците декември и јануари, само овој извор ја надминува годишната дозволена концентрација на цврсти суспендирани честички, фракција РМ2.5 која изнесува 25 µg/m3. Во некои од општините на годишно ниво согорувањето на биомаса претставува извор со најголемо процентуално учество во вкупното загадување (дури над 30%) и покрај тоа што се појавува само во грејната сезона.

Во летниот период како главен извор на загадување на воздухот може да се издвои сообраќајот. Овој извор ги вклучува емисиите од издувни гасови, абење на кочници и гуми, како и согорувањето на нафта во стари дизел мотори (трактори, товарни возила, стари патнички возила) или мотори кои немаат соодветна заштита. За разлика од резултатите што ги добивме за Град Скопје каде во летниот период беше регистрирано намалување на сообраќајот, како извор на загадување, во општините во внатрешноста на државата, иако сообраќајот се појавува како извор на загадување во текот на целата година, посебно е доминантно неговото учество во текот на летниот период. Сообраќајот на годишно ниво учествува од 18 до 40% во вкупното загадување.

Во некои општини се појавува поголем процент на загадување на воздухот што доаѓа од минерална прашина, прашина од каменоломи, градежни активности и ресуспензија од улиците. Појавата на минерална прашина на годишно ниво учествува од 5 до 28% во вкупното загадување.

Во месеците мај и јуни, како и во доцна есен детектиравме и појава на загадување на воздухот од палење на оган на отворено и согорување на отпад. Овој извор главно доаѓа од горење на стрништа, земјоделски и градинарски отпад, пожари, горење на отпад на депонии и сл. Овде спаѓа и согорувањето на неквалитетно гориво во печки за греење со разни отпадни материјали (гуми, дограма, мебел итн.) во домашни и мали индустриски ложишта. На годишно ниво овој извор на загадување се појавува со околу 10% речиси во сите испитувани општини.

Извор на загадување кој се појавува во текот на целата година, со значајно зголемување во грејната сезона, е согорувањето на мазут и нафта во ложиштата за греење на јавни објекти и згради (градинки, училишта, болници), како и во индустриски објекти за производство на топлина или некои други технолошки процеси. Како извор на загадување, иако процентуално помалку застапен, се јавуваат и секундарни аеросоли или секундарни сулфати кои всушност претставуваат честички кои не се примарно емитирани туку се формираат како резултат на неколку хемиски промени во атмосферата.

  1. Како податоците од мониторингот на квалитетот на воздухот го поддржуваат спроведувањето на решенија за намалување на загадувањето?

Врз основа на на студиите за идентификување на изворите на загадување на воздухот кои се изготвени од страна на Лабораторијата АМБИКОН, а на основа на едногодишен мониторинг, изработени се соодветни планови за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух во секоја општина. Плановите содржат соодветни предлог мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и се прилагодени за секоја општина посебно.

  1. Каква улога игра лабораторијата АМБИКОН во напорите на регионот за подобрување на квалитетот на воздухот и како нејзината напредна опрема го подобрува следењето на загадувањето?

Лабораторијата АМБИКОН преку мерења, земање на примероци, анализа, моделирање на добиените податоци и изготвувањето на студии за идентификување на изворите на загадување на воздухот обезбедува информации кои може да се искористат за креирање соодветни политики за намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на животната средина.

Лабораторијата АМБИКОН е акредитирана лабораторија согласно ISO 17025:2018 од страна на Националниот институт за акредитација на Република Северна Македонија повеќе од 10 години. Ова значи дека земањето на примероци се врши согласно стандардна оперативна процедура со која е дефиниран начинот на: избор на локација за земање примероци, стандардна опрема за земање примероци односно систем за мерење со низок проток (LVS) согласно МКС ЕN 12341:2014, дефинирање на параметрите за анализа и времетраење на мониторингот. Употребата на стандардизирани методи и опрема за земање примероци ги минимизира грешките и обезбедува конзистентност на добиените податоци. Ова вклучува користење на калибрирани инструменти од страна на надворешни акредитирани лаборатории за калибрација. Следејќи ги овие практики, нашата лабораторија се стреми да добие висококвалитетни податоци кои се веродостојни, валидни и погодни за наменетата цел, што на крајот води до прецизни и репрезентативни резултати. Покрај акредитацијата, многу се вложува во градењето на капацитетите на лабораторијата и може да се пофалиме со софистицирана опрема која секојдневно се надградува. Во последните неколку години, набавката на нова опрема, како и новите сертифицирани референтни материјали ни овозможија попрецизни анализи со поголема точност и понизок праг на детекција.

  1. Што ве мотивираше да ја изберете оваа професија и каков совет имате за младите кои сакаат да тргнат по вашите стапки?

Магистерските и докторските студии ги завршив на студиската програма mineral processing на Факултетот за природни и технички науки, Goce Delcev University. Желбата за почиста и поздрава животна средина ме поттикна да се посветам на оваа област и тезите коишто ги одбранив беа поврзани со заштитата на животната средина. Знаењето стекнато од моето универзитетско образование дополнително го проширив со неформално образование како обуки, меѓународни мобилности и соработки од оваа област. Денес покрај моите професорски активности, работам и во лабораторијата АМБИКОН каде сум одговорна за одредување на комплетен хемиски состав на примероците, анализа на добиените податоци и нивно моделирање со цел идентификување на изворите на загадување во воздухот. Бидејќи заштитата на животната средина е интердисциплинарна наука, неопходно е вклучување на експерти од повеќе области за да се дојде до краен резултат. Затоа ако сакате да работите со различни дисциплини и да решавате сложени проблеми од реалниот свет, инженерството на животна средина нуди интелектуално стимулирачка средина. Ако сте страсни за заштита на животната средина, справување со климатските промени и придонесувате за создавање поодржлив свет, студирањето инженерство за животна средина може да биде инспиративен и влијателен избор.

Овој детален увид на проф. Д-р Афродита Зенделска ја нагласува важноста од сеопфатен мониторинг на квалитетот на воздухот и приспособените решенија во Северна Македонија. Преку употреба на податоци, решавање на клучните извори на загадување и ангажирање на заедниците, може да се постигне значителен напредок во намалувањето на загадувањето и обезбедувањето одржлива иднина за сите.

 

Проф. д-р Афродита Зенделска
вонреден професор
Факултет за природни и технички науки
Универзитет Гоце Делчев, Штип, Северна Македонија
Стручен соработник, лабораторија АМБИКОН