ВЕСТИ
Позелен Балкан низ очите на неговите граѓани – EU4Green фото-изложба отворена во Скопје
Copyright: Nenad Konstantinović
Приказните за луѓе кои ги штитат реките, садат дрвја, рециклираат отпад и поттикнуваат промени оживеаја низ објективите на граѓаните на фото-изложбата „Најзелените примери од Западен Балкан“, која денес беше свечено отворена во Скопје.
Изложбата е дел од Skopje Design Week и се одржува во Public Room, регионален настан кој го слави дизајнот, иновациите и одржливоста, а е дел и од европската мрежа NextGen Design, што ги поврзува фестивалите посветени на одржливи решенија.
Организатор на изложбата е проектот EU4Green, кој ја поддржува имплементацијата на Зелената агенда за Западен Балкан преку различни области – деполуција на воздух, вода и почва, управување со отпад и заштита на биодиверзитетот. Изложбата ја нагласува и важноста на вклученоста на граѓаните во процесот на зелената транзиција.
Претставени се 15 наградени фото-приказни, избрани меѓу 138 пријави од сите шест економии на Западен Балкан — Северна Македонија, Албанија, Косово*, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Секоја фотографија раскажува автентична приказна за луѓе, предизвици и иницијативи што придонесуваат за позелена и поодржлива иднина.
Меѓу најдобрите дела се и оние на Бојана Алексиевска и Благој Трајков од Северна Македонија. Фото-приказната на Алексиевска ја прикажува природната убавина и автентичниот дух на Мариово и селото Зовиќ, додека серијата на Трајков го нагласува богатиот биодиверзитет на општината Демир Капија и значењето на зачувувањето на природата на локално ниво.
Изложбата официјално ја отвори Н.Е. Мартин Памер, амбасадор на Австрија во Северна Македонија, кој ја истакна важноста на граѓанската ангажираност и прекуграничната соработка:
„Секоја од овие 15 фото-приказни зборува за храброста, креативноста и одговорноста на граѓаните ширум Западен Балкан. Заедно, тие ни ја покажуваат убавината на регионот и нè потсетуваат дека позитивните промени често започнуваат од луѓе кои доволно се грижат за да дејствуваат,“ рече амбасадорот Памер.
„Преку моите фотографии сакав да покажам дека зачувувањето на биодиверзитетот не е само обврска, туку и чин на љубов – љубов кон земјата, кон природата и кон местата што ја чуваат нашата историја. Зовиќ ме научи дека природата не бара многу – само почит,“ рече Бојана Алексиевска.
„Со моите фотографии сакав да го прикажам прекрасниот биодиверзитет на Демир Капија и да ја истакнам важноста на разноликиот екосистем. Присуството на ретки и загрозени инсекти, како Empusa faciata и Libelloides lacteus, е показател за богатството на овој регион,“ додаде Благој Трајков.
По Скопје, изложбата ќе биде отворена во Белград и Сараево, завршувајќи ја својата регионална турнеја низ сите економии на Западен Балкан.
Проектот EU4Green – Зелена агенда за Западен Балкан го поддржува регионот во спроведувањето на еколошките реформи. Финансиран е од Европската Унија, кофинансиран од Austrian Development Agency (ADA) преку International Partnerships Austria, и имплементиран од Environment Agency Austria (Umweltbundesamt).