ВЕСТИ

Црногорската влада го одобри новиот Закон за управување со отпад

Copyright: Umweltbundesamt

Црногорската влада го одобри новиот Закон за управување со отпад, откога австриските експерти за управување со отпад  ја дадоа оценката за усогласеност со директивите на ЕУ. Проверката на усогласеноста ја овозможи проектот EU4Green, кој го финансира ЕУ, а кој го поддржува спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан. Одобрувањето на црногорскиот закон означува значајна пресвртница во посветеноста на Црна Гора, како во проектот, така и кон заштита и одржливост на животната средина.

Надоврзувајќи се на придонесот и препораките кои ги дадоа австриските експерти во рамките на извршената проверка на усогласеноста, црногорското Министерство за екологија, просторно планирање и урбанизам ги презеде подалечните чекори за нацртот и го предложи до Владата на одобрување. Владата на седница на 3-ти октомври го изгласа Предлог-законот за управување со отпад.

Министерката Ана Новаковиќ Ѓуровиќ во оваа прилика изјави: „Ова е најважниот закон во областа на заштитата на животната средина. Имплементацијата на овој закон може трајно да го промени еколошкиот пејзаж на Црна Гора во позитивна смисла. Важна новина предвидена со законот е забраната за употреба на лесни пластични ќеси со дебелина на ѕидот од 15 до 50 микрони на продажното место на стоки или производи.”

Таа додаде дека „ќе се формира инспекција на државно ниво, чија примарна задача ќе биде да го надгледува спроведувањето на локалните планови за управување со комуналниот отпад. Причините за ова законско решение се пред сѐ неефикасноста на општинската инспекција и надзорот на општинската полиција.”

Како трет клучен елемент од предложените измени, министерката за екологија ја спомена Програмата за проширена одговорност на производителите. Проширената одговорност на производителот значи дека увозниците и производителите во Црна Гора имаат и организациона и финансиска одговорност да управуваат со отпадот што го создаваат нивните производи кога стануваат отпад.

Поблиску до еколошките стандарди на ЕУ

Земјите кандидати за ЕУ мора да ги усвојат правилата и регулативите на ЕУ како национален закон, директивите треба да се пренесат во националното законодавство. Прелиминарните проверки на усогласеноста со соодветното законодавство на ЕУ им помагаат на земјите да избегнат проблеми по пристапувањето кои би можеле да настанат поради неправилно пренесување на овие директиви.

Проверката на усогласеноста во Црна Гора покажа дека голем број од одредбите на Европската унија во врска со отпад беше целосно пренесен во црногорското национално законодавство. За одредбите кои сè уште не се целосно пренесени, австриските експерти дадоа препораки за целосно усогласување со законодавството на ЕУ за отпад.

ПРЕТВОРЕЊЕ НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО МОЖНОСТИ

Зелената агенда е сеопфатен план кој има за цел да постигне еколошка одржливост и социо-економска трансформација. Тоа вклучува транзиција кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод, промовирање на обновливи извори на енергија, одржливо земјоделство и зачувување на биолошката разновидност. Социјалната правичност, инклузивноста и моделите на одржлива потрошувачка се исто така нагласени за да се изгради еластична и правична иднина за сите.

Проектот EU4Green го поддржува Западен Балкан во неговата транзиција кон модерни, ефикасни во однос на ресурсите и конкурентни економски целини. Финансиран од Европската унија и австриската влада, EU4Green ги поддржува Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во позеленувањето на нивните стопанства во консултација со сите релевантни партнери и во зајакнувањето на набљудувањето и известувањето. Проектот го спроведува австриската Агенцијата за животна средина во соработка со владите, институциите и делегациите на ЕУ во Западен Балкан, стремејќи се кон одржлива и просперитетна иднина за регионот.